ОЧЕКУВАЊА ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РМ


Позицијата на претседателот на државата (РМ) е уставно регулирана и тоа е актот што конкретно ги дефинира неговите надлежности. Во таа смисла, според Уставот, претседателот на РМ, главно:

    Иако станува збор за релативно редуцирана листа на надлежности, сепак очекувањата на јавноста се многу поголеми и ја надминуваат рамката на ваквите овластувања. Впрочем, за време на избори, и самите кандидати за претседател, во потрага по гласови, во своите изборни платформи се повикуваат на приоритети и ветувања, кои се надвор од нивните уставни ингеренции. Ова беше и повод во анкетата на граѓаните да им биде поставено прашањето - кои се нивните очекувања од претседателот на државата (Види: Табела 1/пр.1). Очигледно, најголемиот број испитаници (12%) не очекуваат ништо од својот претседател. Просперитет на Македонија, подобар живот, според одговорите, очекува речиси секој десетти (9%) испитаник. Кај одреден број анкетирани, очекувањата се фокусирани на приемот на Македонија во ЕУ (8%) и обезбедувањето мир и стабилност во земјата (8%). За 6% од учесниците во анкетата, вработувањето е област во која очекуваат претседателот на Македонија најмногу да се ангажира. Афирмација на Македонија на меѓународен план со 5% е на шестото место на оваа “ранг-листа на очекувања”. Останатите модалитети: прием на Македонија во НАТО - 4%, ангажираност да ја води државата за доброто на народот - 4%, да биде чесен, совесен, самостоен - 4% и да обезбеди економски развој и инвестиции - 4% се последни меѓу десетте преферирани очекувања во наведената ранг-листа.


Ако направиме еден погенерализиран преглед на податоците, односно ако одговорите се прегрупираат по сродност во, условно речено, заеднички модалитети, тогаш листата на очекувања изгледа нешто поинаку. Види: Табела 2/ пр.1.

Иако одговорите се поделени, сепак две петини од испитаниците од претседателот очекуваат најмногу да придонесе на економски (22%) и меѓународен план (20%). Спротивно на ова, 16% од испитаниците манифестираат индиферентност и не кријат дека не очекуваат никакви промени за време на мандатот на претседателот: ништо посебно нема да направи. Секој десетти учесник во анкетата се надева дека претседателот ќе ја извршува својата функција чесно и совесно и дека ќе ги исполни своите ветувања (11%), односно дека ќе обезбеди мир и стабилност во земјата (9%). Подобрувањето на меѓуетничките односи и шефот на државата да се однесува како претседател на сите граѓани се приоритетно очекување на 6% од испитаниците. Скептичност, недоверба, па и можност за полоша иднина е став на 4% од анкетираните граѓани. За разлика од нив, некои од испитаниците (3%), сепак, се надеваат дека во некој од сегментите на државата можно е претседателот да помогне за промени во позитивна насока (образование, култура, спорт и сл.). Останатите одговори со незначителна фреквентност се наведени во модалитетот друго - 9%, односно методолошки е неиздржливо да бидат коментирани поединечно.


Во однос на социодемографските белези на испитаниците не се забележливи некои поголеми осцилации од општата дистрибуција на одговорите. Така, полот на анкетираните како независна варијабла во однос на ова прашање не забележува некоја редистрибуција во одговорите. Извесен расчекор во одговорите се регистрира кај модалитетот “прием на Македонија во ЕУ”, што е преференција на 9% испитаници од машкиот пол, што, пак, е за 3% повеќе во однос на анкетираните жени, како и во однос на вработувањето како преферирано очекување за нешто поголем процент на жени-испитаници (7%) во однос на испитаниците од машки пол (4%).

    Возраста на испитаниците, секако, детерминира прерангирање на очекувањата, што е и логично, бидејќи возрасните категории се соочуваат со различни проблеми и приоритети. Очигледно, најголемиот процент на индиферентност и резигнираност манифестираат третата и четвртата возрасна група (35-44 години и 45-54 години), кои во овој момент животно се најмногу погодени од кризата во која се наоѓа земјата. Тие за 5%, односно за 2% повеќе од просечната дистрибуција одговориле дека ништо не очекуваат од претседателот на државата. Најголем оптимизам за подобрување на животниот стандард и побрз економски раст се забележува кај најстарите возрасни групи (55-64 години и над 65 години), кои за 4%, односно за 11% повеќе од просекот се определиле за оваа преференција. Вработувањето, нешто повеќе од просекот, како клучно очекување го наведува најмладата возрасна група (15-24 години) - 7%. Исто така, поголемо очекување во однос на ангажирањето на државата за афирмација на Македонија на меѓународен план се забележува кај втората возрасна група (25-34 години), која за речиси два пати повеќе од просекот (8%) го претпочита овој приоритет.

    Иако во истражувањето на јавното мислење, по правило, независната варијабла на етничка припадност е една од клучните детерминанти, сепак во однос на ова прашање нема некои поголеми отстапувања од генералниот тренд на одговори. Имено, ранг-листата на очекувања меѓу анкетираните Македонци и Албанци главно е идентична со некои помали осцилирања. Може да се забележи дека разочарани и резигнирани испитаници има во еднаков процент во двете етнички групи (13% и 12%). Воедно, ист е и процентот на оние што очекуваат претседателот да придонесе за просперитет на Македонија и да го подобри стандардот (9%). Извесна дивергентност во одговорите се забележува во однос на очекувањата што се однесуваат на меѓународната позиција на земјата, односно во помал процент, анкетираните Албанци во однос на испитаниците-Македонци очекуваат позитивни промени во овој правец: “афирмацијата на Македонија на меѓународен план” (4% помалку), “прием на Македонија во ЕУ” (3% помалку) и “прием на Македонија во НАТО” (1% помалку).

    Во однос на ова прашање, образованието на испитаниците детерминира извесни помали разлики во одговорите. Може да се забележи дека најбројни меѓу разочараните и оние што не очекуваат ништо од шефот на државата се анкетираните со средно образование (2% повеќе од просекот). Мир и стабилност, повеќе од просечната дистрибуција, очекуваат испитаниците со основно образование (5% повеќе од просекот), а афирмирање на Македонија на меѓународен план (5% повеќе од генералниот тренд) очекуваат испитаниците со највисок степен на образование (повисок од средно).


ОЧЕКУВАЊА ОД ВЛАДАТА НА РМ


На прашањето: што очекуваат од Владата, најголемиот број испитаници (15%) го наведуваат вработувањето како клучен проблем, кој очекуваат Владата на РМ позитивно да го разреши. (Види Табела 3/Пр.2) Понатаму, според одговорите, една четвртина од испитаниците очекуваат подобрување на состојбата и стандардот во земјата - 12%, односно воспоставување економска стабилност и обезбедување инвестиции - 12%. Од Владата не очекуваат ништо 8% од анкетираните, додека само 5% од испитаниците се надеваат дека Владата ќе се однесува чесно, домаќински и поангажирано. Судејќи според одговорите на испитаниците, функционирањето на правната држава (4%), односно решавањето на низа социјални и комунални проблеми (4%), исто така, треба да бидат вклучени во агендата на Владата. Другите 9% од испитаниците своите очекувања од Владата ги фокусираат на влез во ЕУ (3%), подобра иднина и грижа за младите (3%), како и борба против корупцијата (3%). Всушност, во овој табеларен приказ (види: Табела 3/Пр.2) се презентирани три четвртини од одговорите на анкетираните граѓани, кои имаат поголема фреквентност, а со тоа и релевантност за оваа интерпретација. Останатите 25% од одговорите се дисперзирани на други модалитети, но поради нивната незначителна појавност, сублимирано се изразени преку модалитетот “друго”.


Иако социодемографските белези на испитаниците не забележуваат некоја позначајна статистичка релевантност во разидувањата на одговорите по ова прашање, сепак кај одделни категории се евидентни извесни отстапувања. Всушност, станува збор за независните варијабли на возраст, етничка припадност и степен на образование на анкетираните. Во однос на полот на испитаниците, во овој случај нема некои поиндикативни отстапувања.

Така возраста на испитаниците, следејќи ги одговорите, детерминира извесни поместувања во концентрираноста на одговорите. Се забележува дека побројни меѓу оние што очекуваат поголем ангажман на Владата во решавањето на вработувањето се помладите возрасни групи (15-24 години - 17% и 25-34 години - 17%). На подобра иднина и подобрување на стандардот се надеваат 14% од испитаниците од четвртата возрасна група (45-54 години), односно 2% повеќе од регистрираната просечна дистрибуција. Една петина од анкетираните граѓани од петтата возрасна група очекува Владата повеќе да се заложи во подобрувањето на економијата во земјата, што е за 8% повеќе од општата дистрибуција на одговори. Инаку, меѓу скептиците, најбројни се третата и четвртата возрасна група, кои за 2 односно за 3% повеќе од просечно сметаат дека состојбата во земјата и понатаму со оваа Влада ќе остане во статус кво.

Во однос на образованието, евидентно е прегрупирање на одговорите во рамките на одделни модалитети, што е и логично, поради импликациите што ги има овој фактор врз социјалниот статус на испитаниците. Имено, анкетираните со најнизок степен на образование (основно) повеќе од просечно го наведуваат вработувањето како приоритетна заложба за Владата (повеќе од 2%). Воедно, оваа група на испитаници повеќе од просечно очекува Владата да изнајде решенија за социјалните и комуналните проблеми. За разлика од нив, пак, учесниците со повисок степен на образование во повисок процент очекуваат Владата да создаде претпоставки за функционирање на правната држава. Имено, наспроти 2% од анкетираните со основно образование, овој модалитет го претпочитаат 4% од испитаниците со средно, односно 5% од учесниците во анкетата со повисок степен од средно образование.

Фактот дека државата се соочува со бројни проблеми, кои подеднакво ги обременуваат граѓаните на РМ, е причина што расчекорот во одговорите, од аспект на етничката припадност на испитаниците, главно е незабележителен. Впрочем, и на ова прашање, како и на претходното, се забележуваат само некои помали отстапувања, кои главно не го доведуват во прашање генералниот тренд во одговорите. Така, на пример, анкетираните Албанци очекуваат за 3% повеќе од просекот Владата да се ангажира во решавањето на проблемот со невработеноста кај нас, а од друга страна, пак, за 3% помалку од просекот е кај оние што очекуваат Владата да придонесе во развојот на економијата во државата. Инаку, според податоците, резигнираноста и недовербата дека оваа Влада нешто ќе подобри или измени е заеднички став за испитаниците од двете етнички групи, односно овој одговор го претпочитале 8% од Македонците-учесници во анкетата и 6% од анкетираните Албанци.