Граѓанска платформа за мир и стабилност
АНАЛИЗА И МОНИТОРИНГ НА ПРОГРАМАТА НА ВЛАДАТА
ВО ПРВИТЕ 100 ДЕНА


РЕЗИМЕ
(Executive summary)


Новата Влада на Република Македонија уште во фазата на нејзиното конституирање се соочи со тешко наследство. Без целосно стабилизирана безбедносна состојба во земјата, со исцрпени државни фондови, организиран криминал и корупција во постојан пораст, со десетици илјади работници кои чекаат помош, закани за генерален штрајк под притисок на се поголемото осиромашување, протести на таканаречените "лавови", бранители и воопшто резервниот состав на воените обврзници и полицајци, како и со редица нерешени прашања поврзани со раселените лица. Истовремено, на имплементација чекаа Охридскиот договор и пописот на населението, претстоеше усгласување на аранжман со ММФ, како и други задачи од стратегиски карактер.

Во таа смисла, иако периодот од 100 дена од сто дена е краток за преземање мерки што ќе предизвикаат порадикални промени во земјата, новата Влада сепак понуди конкретни показатели за согледување на степенот на реализирање на предизборните ветувања, а со самото тоа и доволно индикатори за евалуација на нејзиното досегашно работење.

1. Приоритетите на граѓаните и програмата на Владата

Најголемиот дел од приоритетите на граѓаните наведени од Граѓанската платформа за мир и стабилност се вградени во заложбите на Владата, наоѓајќи во нив своевидна операционализација. Во отсуство на донесена програма на Владата, оваа генерална оценка реферира кон експозето на премиерот, тогаш во својство на мандатор, изложено пред Собранието на Република Македонија.

Пред се, се истакнуваат цврстата определеност за доследно спроведување на Уставот и законите на целата територија на земјата, инсистирањето на целосна имплементација на обврските од Охридскиот договор, најавената бескомпромисна борба против организираниот криминал и корупцијата, како и определбата за намалување на сиромаштијата и невработеноста.

Притоа, дел од приоритетите на Граѓанската платформа за мир и стабилност - развојот на локалната самоуправа и демократија на пример, не се експлицитно наведени како заложби на новата Влада, а друг дел - интегрирањето со Европската унија и НАТО, се наведени повеќе декларативно.

Од своја страна, фактот што и по истекот на првите 100 дена од формирањето на новата Влада програмата за нејзина работа не е донесена, во извесна смисла зборува дека за повеќе прашања таа нема докрај јасна стратегија за своето дејствување.

2. Владината програма и предизборните ветувања

Во отсуство на усвоена програма на Владата, единствена референца за нејзина компарација со програмите на партиите од владината коалиција претставува експозето на премиерот. Во оваа смисла, иако програмите на владејачките партии не се докрај меѓусебно усогласени, тие во најголема мерка се рефлектираат во експозето на премиерот изложено пред Собранието на Република Македонија.

Програмите на политичките партии што ја сочинуваат новата Владина коалиција се компатиблини во поглед на заложбите за функционирање на правната држава, економскиот развој и справувањето со социјалните проблеми. Оттука, и во декларираните определби на Владата нема големи отстапувања во однос на содржината на понуденото пред изборите.

Сепак, конститутивните партнери на новата Влада за одредени состојби имаат видувања кои се разликуваат, во најмала рака според приоритетите. Едно од нив е прашањето на мирот и безбедноста во земјата – додека СДСМ и ЛДП во своите програми се концентрирани на враќањето на контролата на целата територија, вклучувајќи функционирање на правната држава, ДУИ се фокусира на составот на безбедносните сили кој не ја отсликува етничката композиција на населението.

3. Првите 100 дена

Според неподелените оценки, во изминатите 100 дена најдобри резултати Владата покажа во борбата против организираниот криминал и корупцијата. Откривањето и сузбивањето на нелегалната трговија со луѓе, оружје и наркотици, како и зајакнатите контроли и ревизии на процесите на приватизација кои резултираа со покренување поголем број постапки, се илустрација на овој ангажман.

Несомнено ваквите активности на Владата треба да продолжат. Притоа, треба да се обрне внимание на можната селекција на лицата против кои ќе се преземат истражни постапки. Постапката не треба да биде ограничена ниту временски, во смисла на преземање дејства и за дела сторени пред 1998 година, ниту според етничката или партиската припадност на осомничените.

Извесни недоследности и дури отстапувања од прокламираното, во првите 100 дена Владата покажа во економско-социјалната сфера. Таа имено не изработи сопствена стратегија за намалување на сиромаштијата и невработеноста како што најавуваше, ниту пак обезбеди сеопфатен пристап во разрешувањето на овој проблем. Најфлагрантна илустрација на оваа појава претставува склучувањето на аранжманот со ММФ и префрлањето на поголема група производи од повластената на општата стапка на ДДВ. Тоа е оценето како директен атак врз граѓаните на Македонија со понизок животен стандард, што е во спротивност со предизборните ветувања за намалување на сиромаштијата.

Во првите 100 дена од работата на Владата, безбедносната состојба е оквалификувана како нестабилна, кревка или релативно стабилна, а непријателските активности се преквалификувани во криминални. И покрај тоа, безбедносната ситуација во земјата не е на задоволително ниво. Таа е далеку од надежта и желбите на граѓаните и покрај квалитативната разлика меѓу новата и претходната Влада во приодот кон согледување на проблемите од областа на мирот и безбедноста.

Кога се зборува за приближувањето кон ЕУ и НАТО, треба да се истакне дека не станува збор за приближување што може да го спроведе или декларира еден член од било која влада. Интеграцијата кон евро-атланските структури значи работа и стратегија на сите полиња од општественото живеење, при што за процесите на апроксимација на законодавството е потребно правилно разбирање на европските очекувања.

Останува во наредниот период многу повеќе внимание да се посвети и на процесот на децентализација, односно развојот на локалната самоуправа.

Конечно, се забележува дека во изминатите 100 дена Владата не покажа најдобри резултати по прашањето на департизацијата и деполитизацијата на органите на државната управа, вклучувајќи го и справувањето со непотизмот. Бројни се примерите на запоставување на професионалните квалитети и можности за управување на многу лица, наспроти изборот според строга припадност на одредени политички партии. Генерално, потребна е паралелна критичка и конструктивна анализа, ориентираност кон стратешко планирање наспроти дневното калкулирање, како и почитување на направеното од претходните политички генерации, без разлика колку малку е тоа.